Вера ПЕЈОВИЌ

Родена е во Копар 1957 год. Живее и работи во Љубљана. Ја издала поетската книга Девица и еднорог (1990). Преведува од француски, англиски, хрватски и руски.

Препев од словенечки: Ефтим Клетников ("Наше писмо", Скопје).

Нека бакнежите се бакнат со зборовите на љубовта

Ти си нежен цвет во гранитен блок,
ти си млада гранка на столбен даб,
ти си невиност, затрупана со страст,
ти си невиност, изговорена во топлата шуплина на устата,
ти си непоколеблива решителност во желбата по движење,
ти си темница, покриена со искрички,
ти си жешка ладовина,
ти си мисла, поезијо што танцуваш,
ти си милост, која не мора да биде поделена,
ти си горештина на бакнежот,
ти си милина на зората,
ти си пророк,
ти си син на земјата,
ти си летач,
ти си осаменост на јарецот,
ти си мекост со остри рабови,
ти си урнатина, на која задоволно легнуваат девојките,
ти си млеко што се цеди од дојките,
ти си кристал, разлеан во виножитото,
ти си љубов,
ти си тага врежана во мракот на погледот,
ти си ничиј,
ти си будач,
ти си ранета кревкост,
ти си слатка воздишка на споменот,
ти си плетенка на неизговореното,
ти си заслепувачко синило,
ти си магма,
ти си прашума, посеана со светли голинки,
ти си треперење на росата врз плочникот,
ти си пулсирање на жилата на вратот на славејот.


Визија

Го ставам под дрво ковчегот затворен,
врз него ја оставам малата книга.
*
До мене стои гол Д.
Во рацете имам бел стап
украсен со модра панделка.
*
Ја допирам книгата,
Д. ја отвора
и чита песна.
*
Го изговарам зборот
што го запомнив -
тој е расцутена грмушка.
Д. го изговара својот збор -
тој е обелиск.
*
Се повлекувам чекор назад,
се вртам кон небото
на кое му припаѓаат облаците,
онака како што ми припаѓа Д. мене.
Задоволна сум,
бидејќи напира дождот,
бидејќи влагата расте.
*
Д. се наведнува кон мене,
знам
дека со погледот ме лепи на своите усни
знам
дека е тоа мојата сигурна смрт,
дека неговиот јазик е расечен
и дека зборот обелиск се вовира во моето меѓуножје.
*
Предоцна сфаќам
дека грмушката гори
и дека зајакот избегал.

Откако мина

Откако мина,
за миг се загледав во несигурноста.
Тој замина,
како ништо да не било.
Го наслушнувам чекорот што заминува,
останувам.
Мојата нерешителност е како секира
всечена во раната.
Ја слушам пријателката
што ми зборува за него,
и си мислам
дека љубовта е неуништива и смртоносна.


Ти

Уста на уста,
за збор се лепи зборот,
го креваш погледот,
има ли негде рака?

Стиснати усни.
Ми помагаш да го изустам стихот
закопан под боровите стебла.


*

Секогаш до мене,
мој си,
стадо облаци си,
свила си,
уште свила,
нејзина тежина си,
освежуваш,
ми ја бришеш потта,
ми ја ублажуваш страста,
ми ја будиш нежноста на движењата,
ме закопуваш во ведрина.